top of page
Picture 3_edited.png

Белешки за преводот

 

   Преведениот краток расказ „Крајот на светот” е оригинално дело на 49 годишната кинеска писателка Чан Хај Чинг. Се родила во градот Фуџијан, јужна Кина, но подоцна се преселила и пораснала на кинескиот остров Хонг Конг. Таму се стекнала со диплома по Кинески студии при Универзитетот Лингнан, која додатно ѝ ја разгорела желбата да пишува поеми и кратки раскази со особен фокус на конфликтите помеѓу Хонг Конг и Континентална Кина. Воедно, нејзините кратки раскази го опишуваат и секојдневниот живот во една урбана заедница каква што е Хонг Конг. 

„Крајот на светот“ е современ расказ кој се одвива во Хонг Конг и ги отсликува дисфункционалното семејство, психичката незрелост и хомосексуалната врска помеѓу Анинг и Лингјун. Дејствата во расказот се прикажани со помош на иновативните наративни техники предложени од Вирџинија Вулф, т.е. нелинеарно раскажување и внатрешен монолог. Во почетокот на расказот, 40 годишната Анинг нѐ пречекува во сегашноста, а потоа нѐ води низ своето минато карактеризирано со многу одлуки кои ја направиле похрабра, помудра, поиздржлива и пркосна на светот околу неа. Времето долж целиот расказ е нелинеарно, со тоа што Анинг е наизменично обземена од своето минато, сегашност и иднина кои не се јасно одделени едно од друго. Воглавно, таа се одлучува да даде отказ на работа, да започне постдипломски студии и да се пресели во Хонг Конг за да биде заедно со Лингјун и храбро му се спротивставува на семејството кое со долги години ја критикува за сѐ. Кога увидува дека Лингјун е истата незрела личност од минатото, без разлика на сите напори да ѝ угоди, носи тешка одлука да заплови по морето и веќе никогаш да не се враќа. 

Преведувањето на овој краток расказ беше предизвикувачко на некои моменти, бидејќи, како прво, нелинеарното раскажување ми отежнуваше во проценката кога се случуваат дејствата. Оваа потешкотија ја надминав така што престанав да се фокусирам на традиционалното сиже, во кое сите случувања би требало да се одвиваат линеарно.  Како второ, преведував веќе направен превод од кинески на англиски со кој не бев директно изложена на кинеската култура. Сепак, преведувањето течеше лесно и брзо во поголемиот дел од времето поради пронајдените сличности помеѓу македонската и кинеската култура. Тука спаѓаат конзервативните погледи на семејствата и некои од опстанатите народни поговорки, како на пример „Жените обично имаат долга коса, но кратка памет.“  Згора на тоа, англискиот превод се одликува со богат репертоар на зборови и фрази кои детално ги опишуваа предметите, случувањата и монолозите на Анинг. Токму ова ми помогна да го преведам расказот ефективно и ефикасно. На читателот би му препорачала да одвои време и да ужива во овој расказ, затоа што ќе научи дека стереотипите не го/ја дефинираат и дека треба да преземе чекор кон подобрување на својот живот.

Сања Станковиќ, 12 октомври 2024

bottom of page