top of page
gorod-gonkong-kitai-voda-zakat.jpg

Крајот на светот

од Чанг Хај Чинг

превод на македонски: Сања Станковиќ

      Април е. Хонг Конг е сѐ уште студен, мрачен и влажен. Кога конечно ќе се навикнам на климата во овој град? Порано, студот никогаш не ми пречеше. Зимата во мојот роден град доаѓаше со ненадејни снежни прекривки. Со години се тркалав во снегот како детенце во слаткарница, и одненадеж, се дотркалав во четириесеттата година. Каков живот! Среќата може да се вкуси само во детството. Потоа на ред доаѓаат средното училиште, универзитетот и работата. Магистерските студии од неполни две години во Хонг Конг беа голем ризик. Живот! Како е возможно сето ова да е собрано во еден живот? Да беше животот сад, каков би бил? Можеби би бил како креденец за лековити билки, во кој состојките се чуваат во одделни фиоки. При секое отварање, мирисот се шири од фиоката и лебди во воздухот, предизвикувајќи наплив од одамна заборавени спомени. Чудни, но истовремено волшебни, необични и прекрасни. Дури и покрај своите извонредни лековити својства остануваат мистериозни, а и окултни. 

 

Анинг зачекори по раздвижениот мост полн со камиони кои возеа од Хонг Конг до Шенжен и назад. Повремено ќе се појавеше некој автобус носејќи толпа изморени луѓе. Витката и црвена става на Анинг изгледаше речиси нереално, лелеејќи се на ветрот како пластична ќеса. Премногу добро го познаваше родниот град, па побара утеха во овој непознат град. Сепак, во тој момент, се чувствуваше уште поосамено. 

 

   

 

 

 

 

Изнајмениот стан во Шеку, Шенжен, беше договорен пред една недела. Се наоѓаше на еден час пешачење од Универзитетот. Од другата страна на пристаништето во заливот Шенжен ја повикуваше динамична средина. Станот на Анинг беше опкружен со раззеленети дрвја. Имаше одлично среден ентериер и „аларм“. Лингјун ги прегледа сите ќошиња и пукнатини, притоа весело испробувајќи го алармот. Со само едно притискање, силен звук одекна низ просторот. Ниту по дваесет минути не се појави жива душа. Разменија погледи, а смеата им се искраде од усните. Со векови не се смееле толку. 

 

Обвиткано во нијанси на сиво, сонцето пушти слаб зрак кој се напрегаше да пробие и да отслика бледа нијанса на црвено. Под мостот течеше матна сиво-жолтеникава вода, додека трските на брегот беа покриени со сива мека коприна. Повремено, некоја долгонога водна птица грациозно ќе ги испружеше нозете, а потоа ќе одлеташе во бујната трева. Од едната страна на брегот беше Хонг Конг, каде Анинг го почнуваше својот секојдневен пат доУниверзитет. На другата страна на брегот се наоѓаше Шеку, нејзиниот нов „дом“. Стоејќи на средината на мостот, Анинг беше обземена од необично и нејасно чувство. Таа се повлече од својот претходен живот во огромна и непозната област каде можеше да го набљудува животот од далеку- перспектива којашто се чинеше и искривена и зголемена со таинствен реализам. 

Недалеку, под мостот имаше мангрова шума, а зад неа беше популарното место за средби– плажата Пак Нај. Анинг еднаш имаше отидено таму заедно со членовите на фотографската асоцијација за да го слика зајдисонцето. Носеа професионална опрема со стативи, SLR камери и телефото леќи. Сакаа да се истакнат со својот ентузијазам за фотографирање. Анинг понесе само компактна дигитална камера и направи неколку извонредни фотографии.  Ѝ беше забавно да ги гледа своите ентузијастични колеги како разговараат за блендата и фокусната должина. Во тоа време мостот беше изграден до пола, висејќи во воздухот како да се протега кон бескрајната празнина. Кога го завршија, за само неколку минути се минуваше на другата страна.

Гледајќи во зајдисонцето што замира, Анинг забележа неколкумина кои се шетаа по плажата Пак Нај. Веројатно беа колеги ентузијасти. Ја преплави чуство на сожалување кога си го замисли нивното разочарување. Зајдисонцето изгледаше како бледо руменило на слика во масло, без одраз во морето и мочуриштето. Нивната воодушевеност беше непропорционална со оваа слика. Зборувајќи за тоа, Анинг си помисли „Зајдисонцето е величенствено, но на исчезнување“. Копнежот да ја слика оваа убавина што исчезнува пополека венееше. Зарем тоа не беше иронично? Или можеби беше смешно?

 

Соучениците ја преплавуваа Анинг со прашања од типот на „Каков е Хонг Конг во споредба со твојот роден град?“ или „Кој ти е поубав?“ Одговарањето на овие прашања кои се повторуваа ја исцрпуваше, бидејќи се чинеше дека нејзините соученици веќе го знаеја одговорот. Анинг, пак, сметаше дека овие прашања не можат лесно да се одговорат со неколку зборови. Животот станува посложен како човек старее, правејќи ги луѓето љубопитни да дознаат зашто одлучила повторно да учи. Толку ли беше страшно да ја напушти канцеларијата и да се врати на Универзитет? Немаше никакви интриги во овие прашања. Анинг не сакаше да зборува многу за своето минато. Минатото е минато. Згора на тоа, луѓето гледаат на твоите животни искуства како на нешто што можат да го озборуваат во своето слободно време. Треба да ги искусиш и радостите и тагите во твојот живот– нешто што никој друг не може вистински да го разбере. Анинг се откажа од барањето сожалување уште пред многу години. Таа само ќе ги стиснеше забите и ќе ги надминеше сите потешкотии со кои ќе се соочеше.

   

 

   

 

 

 

Анинг понекогаш се чувствуваше глупаво. Кој можеше да знае дека врската со Лингјун ќе води кон неочекуваната одлука да се пресели во Хонг Конг? Неинформираните би можеле да го толкуваат овој чин како доказ за моќта на љубовта. Анинг не можеше а да не се запраша: „Колку безгранична може да биде љубовта навистина? Зарем е возможно љубовта да нанесе толку длабока болка?“ Еднаш, кога Анинг се обиде да ја прекине врската, Лингјун извади нож и се пресече, оставајќи си лузна на зглобот. Љубовта на Анинг одамна се истроши, ако и воопшто постоела. Лингјун беше извонредно способна да го земе секој збор на Анинг здраво за готово, непрестано испитувајќи и анализирајќи го со часови. Еднаш Анинг предложи патување, а Лингјун од тоа направи причина за расправија дење и ноќе, без оглед на сезоната или ситуацијата. Инсистираше на тоа дека Анинг не успеала ниту во одржувањето ветувања ниту во љубовта. Нивните секојдневни кавги беа интензивни, оставајќи трага на неред низ станот на Лингјун. Изминативе две години Анинг беше длабоко вознемирена и не се осмелуваше да очекува ништо од иднината. 

Животот продолжува, рамнодушен кон желбите или отпорот. Од самиот почеток, Анинг и Лингјун имаа „двегодишен договор“. Или, поконкретно, Лингјун имаше „двегодишен договор“ со својот сопруг. Додека нивната врска беше на пауза, Лингјун се омажила за нејзиниот пријател од детството, пожарникарот Жанг. Анинг никој не ја извести за околностите околу нивниот брак или какви било договори. Одеднаш, таа стана дел од овој договор делејќи ја големата спална соба со Лингјун додека Жанг две години престојуваше во гостинската соба. Една вечер, за време на кинеската Нова година, традиционално поврзана со радосни собири и прослави, Анинг слушна плач од собата на Жанг– липање пригушено со јорган. Ѝ падна жал за него и заплака осамена во бањата. Не знаеше, а и не прашуваше многу за Жанг. Дури и да прашаше, Лингјун немаше да каже. 

Двегодишниот договор привршуваше, па затоа Анинг си изнајми стан во Шеку. Лингјун повторно крена врева, дрско обвинувајќи ја за нејзината неблагодарност. Анинг сфати дека зад невкусните зборови се кријат скршено срце и душа лишена од самодоверба. Но, кој би ја сожалил и разбрал Анинг? Лингјун изнакажа груби зборови во изблик на хистерија, неподносливи за Анинг. Без двоумење, Анинг ѝ врза две шлаканици. Овие две шлаканици ја зацврстија нејзината храброст, бришејќи ја и последната трага на нежност, сожалување и вина во нејзиното срце. Се презираше себеси уште повеќе. Дојде до својата критична точка, сечење на вени или фрлање од зграда, без оглед на сѐ! Не беше ли доволно мизерен овој живот? Анинг го грабна ранецот и побегна, а Лингјун тргна по неа. Завршија пред лифтот, едната внатре а другата надвор и во безизлезна положба. Лингјун не ѝ даваше да ја затвори вратата од лифтот, па Анинг ѝ се закани: „Ако продолжиш вака ќе се јавам во полиција!“ И тогаш го вклучи алармот. 

   

   

Индиректно навестувајќи го ова, полицаецот спомна една стара кинеска поговорка: „Жените обично имаат долга коса, но кратка памет.“ Жанг продолжи да молчи и покрај суптилните зборови на полицаецот, но неговиот строг израз ѝ испрати јасна порака на Лингјун: „Оди дома и измиј си го лицето!“ Тогаш се заврте, упатувајќи долг поглед кон Анинг. Анинг полесно ќе го поднесеше бесен од лутина отколку тој поглед. Излезе од лифтот, потпишаа неколку документи, полицијата го затвори случајот и си замина. 

 

Следниот ден, Жанг се исели и им го остави станот на сопругата и нејзината љубовница. А завчера? Делуваше како да се случило во некој претходен живот. Анинг стоеше среде мостот, под кој водата мирно течеше. „Река од изворска вода тече кон исток.“ Дали сите води течат кон исток? Може ли во рекава да има толку многу вода? Или водата се собира, разлева и враќа, постојано следејќи го истиот циклус? Природата е толку прекрасна– дури и кога се чини дека нема друг начин, безброј подземни канали го поврзуваат целиот свет. Значи, како и да тече и дотекува водата, таа се меша. Зарем тоа не се случува и со судбините на луѓето?

Анинг еднаш прочита краток расказ за некој човек, чијашто вереница се омажила за друг. Додека лежел во агонија на креветот во својата болничка соба, почнал да доживува нешто необично. Неговата соба се претворила во плажа полна со луѓе. Вниманието му го привлекол струполен женски труп. Му пристапил на телото, нежно го соблекол палтото и го покрил. Мислел дека овој чин бил најдоброто што може да го понуди. Кога тргнал да си замине, дошол друг човек кој започнал да копа јама и да ја закопува мртвата девојка. Во тој момент болниот сфатил дека неговиот гест, иако искрен, не бил доволен. Сфатил дека и покрај својата искрена намера да ѝ го приушти најдоброто на својата вереница, тоа не би било доволно за да ѝ ги исполни желбите и потребите. Приказната ја натера Анинг да се запраша за својата врска со Лингјун и Жанг. 

Еднаш, еден Христијанин во училиштето на Анинг ѝ го проповедаше Евангелието и ја праша: „Мислиш ли дека си грешна?“ Потоа зборуваше за сите гревови на луѓето на овој свет. „Бог нѐ сака сите што дури и ни подари деца кои го продолжуваат нашиот животен век.“ Анинг беше малку нетрпелива и праша: „Што е љубов?“ После долги години живот сфати дека ниту општеството, ниту образовниот систем ја имаа научено како да ги сака луѓето. Како божем тоа да е вроден инстинкт. Ако е љубовта инстинктивна, зашто толку многу вљубени се опсесивни? Христијанинот збунето ја отвори Библијата и почна да чита: „Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, љубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината; сѐ премолчува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува.“ Зборовите му излегуваа од уста еден по еден, а гласот му стануваше сѐ потивок, како и самиот да се сомневаше. Анинг сѐ повеќе се лутеше додека го слушаше. За неа, сите овие нешта беа безначајни и нереални. Таа воопшто не се сложуваше со тоа што го кажа Христијанинот и го прекори: „Ништо не разбираш! Како се осмелуваш да ме прашаш дали сум грешна? Како ќе ме научиш што е љубов?“ Гледајќи го неговиот збунет израз, Анинг се воздржа од некултурни зборови и си замина.  

 

   

 

 

 

Пред да зачекори по мостот, таа здогледа крштевка додека минуваше покрај Златниот брег. Свештеникот стоеше во вода до половина со помодрени усни. Посегна кон онаа која ја крштеваше, ја притисна раката до нејзиното чело и се помоли. Ѝ го навали исправеното тело, го потопи во морската вода и го исправи. Нејзините придружници пееја и играа, и ја охрабруваа од плажата. Срцето на Анинг беше во хаос. Едно детенце ја здогледа, се наведна и потрча кон неа со ќесичка во рацете. Веќе беше многу доцна за да побегне. Детенцето ѝ пријде, ѝ подаде малечка пластична ќеса и отрча назад. Во ќесичката имаше мали Велигденски јајца. Анинг ги напика во џебот на палтото и се сврте. 

 

Одеднаш, во далечината одекнаа извици. Анинг застана за момент. Сонцето, кое заоѓаше, нагло се испрчи пред облаците, а портокаловата нијанса проби низ сиво-сините облаци како јапонско јаболко или око отечено од солзи. Го извади телефонот за да направи фотографија. 

 

Со извиците зајде и сонцето. Анинг извади едно велигденско јајце, ја отстрани златната фолија во која беше завиткано и го проба. Беше чоколадно, истовремено горчливо и слатко. Луѓето на плажата си заминаа. Остана само едно бротче заврзано за дрвен колец, со половина од трупот натопен во вода и нежно нишајќи се со плимата. Анинг продолжи да јаде. Во ќесичката со велигденски јајца имаше и мала, светлозелена картичка со два гулаба со раширени крилја и со стракови трева во клуновите. На картичката имаше испишано цитат од Евангелието: „И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сѐ стана ново!“ Таа ја стисна картичката, ја вртеше и читаше неколкупати со полунасмевка на лицето. Се навали на оградата, а картичката ѝ испадна како есенски лист. Ја набљудуваше спокојно и рецитираше стихови од кинеската поезија, мрморејќи „Ќе се качам на малечко бротче и ќе исчезнам еднаш засекогаш. Ќе го минам остатокот од животот талкајќи по морето“. Ги повтори стиховите уште еднаш, но овојпат со доза на несигурност во гласот, сомневајќи се за изводливоста на таквото патување. Навалувајќи се на оградата од мостот, Анинг не можеше а да не прсне во смеа, чувствувајќи се збунето и дезориентирано.

Светлата на двата брега постепено се палеа. Таа стоеше среде мостот, додека водата под него мирно течеше. Ќе протече и низ нејзиниот роден град и сите нејзини спомени. Стоеше на мостот. Во тој момент, таа беше во некој друг свет. 

 

Петок, 28ми септември 2007

Picture 4.png

Анинг беше во врска со Лингјун со години, веројатно поради нејзиниот карактер. Првата година кога се запознаа, Лингјун без двоумење се пресели кај Анинг во Кина. За среќа, сместувањето не беше проблем бидејќи Анинг со години работеше и штедеше и купи куќа. Но, потоа дојде кинеската новогодишна вечера. Не можеше да ја остави Лингјун сама во непознат град. Но да отиде заедно со неа дома кај родителите? Нивната нејасна врска беше тешка да се објасни. Анинг веќе долги години не се чувствуваше пријатно во своето семејство и поради тоа не сакаше да ја распрашуваат. Зарем Лингјун не ѝ создаваше проблем? А што друго? На Анинг не ѝ преостана ништо друго освен да ја однесе дома и да излаже дека ѝ е само другарка. Семејството не прашуваше многу, иако никој не уживаше во вечерата. 

Picture 2.png
Picture 5.png

Кога пристигна полицијата, Лингјун беше првата која почна да се жали како божем таа да им се јавила. Плачеше и направи сцена, обвинувајќи ја Анинг за физички напад. Откако ја разбраа ситуацијата, полицајците ја запишаа како „домашна расправија“ и ѝ наредија на Анинг да се извини. Меѓутоа, Анинг пламна и решително го одби извинувањето. Не ѝ беше грижа дали ќе има досие или ќе заврши во полициска станица. Можеше едноставно да се врати во својот роден град и засекогаш да го напушти Хонг Конг. Воопшто не ѝ беше грижа! Лингјун се исплаши но не сакаше да ја погази својата гордост. Токму тогаш Жанг се врати од работа, и еден од полицајците, негов поранешен колега, му пристапи. Со сожалување во погледот и меѓусебно разбирање, полицаецот покажа дека ја разбира тешката ситуација во која се наоѓа Жанг. 

Picture 6.png
bottom of page